Почеток на нови линии во зимската сезона
Од денеска, 27 октомври, и утре, 28 октомври, авиокомпанијата „Визер“ стартува со нови линии од двата македонски аеродрома – Скопје и Охрид. Станува збор за летови до Бари, Стокхолм, Мадрид, Ларнака и Базел, информираат од „ТАВ Македонија“. Првиот лет кон Стокхолм – „Арланда“ беше реализиран утрово во 6:05 часот, а летот кон Бари полетува денеска во 14:40 часот. Од Охрид, првиот лет за Базел беше во 12 часот.
Распоред на летовите и нови поврзувања
Утре започнуваат и летовите на релација Скопје – Мадрид, како и повторното воспоставување на линијата со Ларнака. Летовите кон Стокхолм, Бари и Базел ќе се одвиваат двапати неделно, секој понеделник и петок, додека линиите кон Мадрид и Ларнака ќе се реализираат вторник, петок и сабота.
Во текот на вчерашниот ден се огласи и вицепремиерот Николоски којшто потврди дека почнуваат 11 нови летови од скопскиот и охридскиот аеродром.
Николоски: Од утре 11 нови директни летови до скопскиот и охридскиот аеродром
„ТАВ Македонија“: Новите линии се избор на патниците
Скопје поврзано со Бари, Стокхолм, Мадрид и Ларнака, Охрид со Базел.
„Многу сум среќен што овие нови авиолинии почнуваат токму сега, на стартот на зимската сезона. Овие дестинации се избор на патниците кои сакаат подобра поврзаност со Европа“, изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт. Од компанијата очекуваат значителен пораст на патничкиот сообраќај, имајќи предвид дека сите дестинации се атрактивни туристички точки.
