Две возила со дипломатски статус биле опожарени во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Владата остро го осуди инцидентот, оценувајќи го како вандалски и недозволив чин.

Владата најави целосно расчистување на случајот

Од Владата порачаа дека ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и дека за нив нема место во една демократска држава.

Надлежните институции веќе преземаат интензивни мерки за целосно расветлување на случајот и за откривање на сторителот.

Порака дека предизвикувањето тензии ќе биде санкционирано

Владата нагласи дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде најстрого санкциониран.

Оттаму посочија дека државата располага со капацитет да одговори со целосната сила на институциите и дека нема да дозволи поединци да го нарушуваат угледот на Македонија.

Од Владата очекуваат брза и ефикасна истрага, целосно расветлување на настанот и соодветна кривична одговорност за сторителите. Воедно ја потврдија посветеноста на заштитата на граѓаните и дипломатските мисии, како и на зачувувањето на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи.

Пожарот се проширил на второ возило

Бугарската агенција БГНЕС објави снимка и фотографии од опожарените возила. Според првичните информации, непознато лице запалило автомобил „сузуки витара“, по што огнот се проширил и на друго возило паркирано во близина.

По инцидентот, сторителот избегал од местото.