Турската полиција соопшти дека извршител на бомбашкиот напад во Истанбул е Ахлам Албашир, државјанка на Сирија. Таа е уапсена за време на полициска акција и приведена.
– Лицето кое го изврши нападот, сириската државјанка Ахлам Албашир, беше фатена жива. При сослушувањето, таа призна дека била обучена како специјален разузнавач од терористичката организација ПКК/ПИД/ИПГ и дека илегално влегла во Турција преку Африн-Идлиб за да ја спроведе акцијата, соопшти истанбулската полиција.
Од друга страна, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу утрово изјави дека имаат проценка дека наредбата за акција стигнала од Кобане.
– Мислиме дека сторителот поминал низ Африн, рече тој утрово.
Албашир наводно наредбата за нападот ја добила од штабот на терористичката организација ПКК/ПИД/ИПГ во Кобане, Сирија. Таа признала дека бомбардирањето го извршила вчера околу 16:20 часот и побегнала.
Во ЕУ и во САД, ПКК има статус на терористичка организација.
Авенијата Истиклал беше цел на терористички напад и во 2016 година, кога бомбаш самоубиец уби четири лица, а рани 39. Турската влада тогаш соопшти дека напаѓачот е поврзан со Исламска држава, но организацијата не презеде одговорност.