Во неколку европски земји повторно се регистрира ширење на вирусот Западен Нил во екот на сезоната на комарци. Според најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), локално пренесени случаи се потврдени во Грција, Италија, Шпанија и Романија, а здравствените власти предупредуваат дека ризикот од заразување останува висок.

Според податоците на ECDC, заклучно со 15 јули во Европа се регистрирани вкупно 33 локално пренесени случаи на вирусот Западен Нил.

Во Грција, Националната организација за јавно здравје (EODY) соопшти дека до 22 јули се потврдени 21 локален случај. Кај 20 пациенти се развиле сериозни компликации на централниот нервен систем, меѓу кои енцефалитис и менингитис, додека едно лице имало поблаги симптоми. Засега нема пријавени смртни случаи, а 13 пациенти се хоспитализирани.

Само во текот на изминатата недела во земјата биле регистрирани уште 14 нови локални инфекции. Дополнително, евидентиран е и еден случај кај лице кое престојувало во ендемска држава, но засега не е утврдено каде точно дошло до заразувањето.

Најголем број од случаите во Грција се регистрирани во поширокиот регион на Атика. Иако во дел од соседните општини сè уште нема потврдени инфекции кај луѓе, тие се означени како подрачја со висок ризик поради близината до погодените области и епидемиолошките показатели.

Од EODY посочуваат дека вирусот Западен Нил се појавува речиси секоја година од 2010 година наваму, што укажува дека станал ендемски во Грција, а слична состојба е забележана и во неколку други европски земји.

Најмногу локално пренесени случаи има во Италија – вкупно 20, распоредени во 16 различни подрачја. Картата на ECDC покажува дека вирусот брзо се шири, а само во последната недела во Италија биле евидентирани уште 11 нови подрачја со потврдено присуство на инфекцијата.

Локално пренесени случаи се регистрирани и во Шпанија и Романија, што дополнително ја потврдува пошироката распространетост на вирусот низ Европа.

Експертите потсетуваат дека вирусот Западен Нил се пренесува преку убод од заразен комарец, а ризикот од инфекција е најголем во текот на летните месеци. Поради тоа, здравствените власти препорачуваат користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици, како и отстранување на застоена вода каде што се размножуваат комарците.