Има ли Град Скопје одговор на белата чума?

Наталитетот, структурата и бројноста на човечкиот потенцијал играат огромна улога во креирањето и развојот на локалните самоуправи. Тие имаат клучно значење во развојот на општините, градовите и селата. Целиот западен свет се соочува со белата чума и секако дека ние не сме исклучок. Една од причините зошто македонските општини заостануваат позади оние во Европа па и на западниот Балкан е токму демографијата и развиеноста на самата општина. Република Македонија веќе некоја година се соочува со сериозна демографска промена. Наталитетот опаѓа, населението старее, а младите се иселуваат. Тоа ефектуира промени и во работењето на приватниот сектор кој почнува да се соочува и со недостиг на работна сила, а исто така ефектира и на пензискиот столб. Главниот град Скопје се соочува со намален природен прираст во последната декада, а некои општини може да се „пофалат“ со негативен природен прираст (повеќе починати од родени во текот на годината).

Инфографик: Општина Гази Баба за прв пат во последната декада влегува во негативен природен прираст (повеќе починати од новородени).

На локално ниво има две корисни алатки преку кои може да се видат одредени демографски индикатори, а тоа се: 1) популационата траекторија и 2) индексот на стареење. Тоа е важно за да ги дознаеме квантитативните индикатори, но сепак не е доволно за подетална анализа за одговор на прашањето зошто ова се случува. Затоа, потребно е државата да направи детални студии по региони, да ги детектира правите цели и да дејствува на долг рок.

Инфографик: Општина Аеродром – разлики во природндиот прираст при владеење на десни (конзервативни) локални самоуправи и центар накај лево политички структури.

Како идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК, направивме споредба на бројки и аналитички приказ на неколку скопски општини (вклучувајќи го градот Скопје), но секако, покрај самата критика за несоодветна грижа за таканаречените “Pro-life” или „За живот“ политики, нудиме и кратка понуда и патоказ во која насока треба да се одвиваат следните планирања, програми и можни идни решенија за подобрување на овој проблем.

Постојат неколку точки по кои треба да се води локалниот економски и пазарен развој во локалните самоуправи а тоа се:

• Одржлив плански модел за депопулизираните заедници.
• Таргетирање на реоните со најнизок наталитет преку специјални програми и помош за семејствата.
• Овозможување на „сребрена економија“ со цел зголемување на можности на пензионерите во општините со низок наталитет кои би допринеле во развојот на локалната економија.
• Реформирање на локалниот пазар на работна сила со цел да се зголеми продуктивноста.
• Зголемување на финансиската поддршка за локален развој.
• Зголемување на финансиската помош за трето дете на 10 илјади евра за новороденче и финансиска помош од 50 евра за третото дете до 24 години.
• Зголемување на финансиска помош за четвртородено дете на 20 илјади евра за новороденче и финансиска помош од 70 евра за четврто дете до 24 години.
• Зголемување и промовирање на фамилијарни вредности со цел зајакнување на фамилијарните заедници.
• Стимулирање на приватните компании да станат по-социјално одговорни фирми кои ќе допринесат во локалниот развој.

– Темите за наталитет, живот и таканаречените “Pro-life” политики треба да се кренат на повисоко ниво во Македонија“ – смета д-р Василевски од КОНЗЕРВАТИВ МК. Покрај слободниот пазар, борба за силен приватен сектор, патриотизам и резистенција кон “cancel” културата, политиките „За живот“ се носечки столб на модерните конзервативни и десничарски политички партии и движења во светот, почнувајќи од Републиканската партија во САД“.

ИНФОГРАФИК: ЕДИНСТВЕНО ДЕСНИЧАРСКАТА ВЛАДА 2006-2016 УСПЕАЛА ДА ЈА СТАБИЛИЗИРА СТАПКАТА НА ПЛОДНОСТ И ДА ЈА КРЕНЕ ВО НАГОРНА ЛИНИЈА.

При анализа на стапката на плодност “fertility rate, total (births per woman)” достапна на дата базата на Светска банка, може да заклучиме дека од нашата независност имаме константен пад. Прва влада која успеала да ја стабилизира оваа стапка е 2006-2009 година, а веднаш потоа почнува и надеж за зголемување на истата (2009-2016), се до почеток на политичката криза. Потоа, стапката продолжува во надолна линија до последната година на достапни информации (2019).

ИНФОГРАФИК: Контрацепција, употреба на какви било методи.

Дури 59,9% од жените на возраст од 15-49 години употребиле некаков вид на контрацепција. Под терминот контрацепција се подразбираат различни методи кои се практикуваат со цел заштита од несакана бременост. Изворот на информации е УНИЦЕФ и Обединети нации дивизија за популација.

ДЕМОГРАФСКИТЕ ИМПЛИКАЦИИ И ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

Демографијата игра голема улога во економксиот раст, а придонесот на локалните самоуправи (Општините) е од особена важност. Секое успорување на демографскиот раст како и имиграцијата се имплицира со промени во структурата на работната сила, а тоа директно влијае врз економскиот раст на долг рок.

ИНФОГРАФИК: Податоци за стапка на раѓање во Македонија од 1991 до 2019 година кога се и последните достапни информации. Извор: Светска Банка, Обединети нации, Еуростат.

Економски раст на долг рок меѓу другото е детерминиран и од работната сила и продуктивноста на работниците.

Инфографик: Уште еден пример за разлики меѓу десницата и левицата е Општина Ѓорче Петров – разлики во природндиот прираст при владеење на десни (конзервативни) локални самоуправи и центар накај лево политички структури.

Како Идеолошки и аналитички центар, покрај аналитика и критика, секогаш нудиме и решенија. Тие се наведени во претходниот дел на овој текст. Но, една од најважните работи во остварување на нашата цел е влијание врз зголемен јавен притисок за овие теми!

ЗОШТО ЗГОЛЕМЕН ПРИТИСОК ОД ЈАВНОСТА?

– Секогаш и пред секои локални избори се ветува многу, а во пракса и не се се спроведува се. Разбирливо е дека одредени ветени работи нема да може да се изведат бидејќи тенденциите, работите на терен и разните непредвидливи фактори имаат свое влијание. Сепак, отстапувањата не смеат да бидат големи. Секоја општина па и град Скопје носи свои стратегии за развој, но дискутабилно е колку од тоа се спроведува во пракса. За чист пример ќе ја земам загаденоста на воздухот во главниот град, вели Давид Салтамарски.

Покрај овие работи, голем проблем претставува и транспарентноста на локалната самооуправа. Истражувањето спроведено од Здружението на економски новинари направено на 12 јавни претпријатија основани од општините во градот Скопје, Градот Скопје и општините во Скопскиот плански регион, укажува дека 6 од претпријатијата немаат никакви информации за транспарентноста.

Пописот помина, наскоро ќе ја видиме и целата слика за населението и демографијата во Македонија. Но едно е јасно: време е за сериозни чекори во насока на подобрување на природниот прираст, а пред се тоа треба да почне од политичката десница.