Вкупно 15 од повредените пациенти од пожарот во Кочани ќе се лекуваат во Белград. Три пациенти со итна помош тргнаа за БМА и 12 се носат на аеродром исто за ВМА Белград. 

14 од повредените од пожарот во Кочани ќе се лекуваат во Софија, Пловдив и Варна

И Бугарија презеде обврска да згрижи 14 лица за лекување по трагичниот пожар во Кочани. Од нив, осум пациенти ќе бидат примени во  Универзитетската болница за итна медицина „Пирогов“ во Софија. Ова го соопшти заменик-директорот на болницата, проф. Николај Габровски.

Вкупно 47 повредени ќе бидат хоспитализирани надвор од државата

Претходно министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека вкупно 47 повредени лица во пожарот во Кочани ќе бидат хоспитализирани надвор од државата. Утре на помош пристигнуваат специјалисти по изгореници од Израел, Белград и Прага кои ќе им помогнат на здравствените работници во државава.

Таравари информираше дека сите 115 пациенти згрижени во македонските болници се во стабилна и добра состојба. Дел од повредените се упатени на домашно лекување.

Министерот соопшти дека три лица се лекуваат во Солун, тројца во Истанбул, а уште шест ќе заминат вечерва со авион во Турција. Вечерва ќе патуваат и четири пациенти за Хрватска, но и за Белград со авион 12 лица плус тројца.

– Утре на помош доаѓаат колеги специјалисти за изгореници и интензивна нега од Израел, Белград и Прага, кои ќе им помагаат на нашите колеги кои неуморно работат и прават максимум од можностите. Има неколку пациенти кои имаат потреба за кислородна поддршка, но јас мислам дека сите се во стабилна состојба и надвор од животна опасност. Меѓутоа, ова се ситуации што не се предвидливи, истакна Таравари.