Владините партнери во постојан дијалог – средбите продолжуваат по празникот
Стабилноста на Владата останува непроменета, и покрај шпекулациите за можни тензии меѓу коалициските партнери. Како што информира премиерскиот кабинет, премиерот Христијан Мицкоски има редовна комуникација со сите владини партнери, вклучително и со Алијансата за Албанците (АА).
Потенцирано е дека формална средба со АА и со министерот за здравство се очекува по 1 мај, при што ќе се разговара за идниот ангажман на партијата во извршната власт.
Фетаи: „Работата продолжува како ништо да не е сменето“
Арбен Фетаи, заменик-претседател на Владата задолжен за добро владеење, денеска истакна дека членовите на Владата од Алијансата за Албанците остануваат активен дел од тимот. Според него, работата во извршната власт продолжува вообичаено, без никакви официјални навестувања за промени.
„АА е во Владата, нема промени. Продолжуваме со секојдневна работа. Вчерашната владина седница помина без никаква загриженост,“ изјави Фетаи од Куманово.
Консултации со коалиционите партнери – АА, ВЛЕН и ЗНАМ
Вицепремиерот потврди дека во наредните денови, премиерот Мицкоски ќе одржи одделни средби со коалициските партнери, меѓу кои се и ВЛЕН и ЗНАМ. Според него, секоја одлука треба да се носи внимателно, имајќи ја предвид стабилноста на Владата.
„Верувам дека нема простор за еднострани потези. АА со своите пет пратеници е клучна за оваа влада,“ подвлече Фетаи.
Локалните избори – Соработка сѐ уште неизвесна
На прашањето за настапот на АА на локалните избори, Фетаи изјави дека сè уште е рано за конкретни одлуки. Потенцира дека партијата ќе ја анализира најдобрата понуда за граѓаните и во вистинскиот момент ќе ја соопшти одлуката.
Извор: Миа