Влада изрази најостра осуда за неодговорното и неетичко известување на одредени странски медиуми во врска со трагичниот настан во Кочани.
И покрај повиците за почитување на етичките новинарски стандарди, одредени медиуми ја преминале границата на хуманост и достоинство.
Влада: Загрозување на новинарската етика
Во соопштението се потенцира дека сензационализмот и желбата за привлечни наслови и фотографии, кои вознемируваат , ја деградираат суштината на новинарството. Владата ја оцени оваа практика како штетна не само за јавноста, туку и за семејствата на жртвите.
„Искористувањето на моментите на жалост и тага заради спектакл е за осуда“, стои во соопштението.
Повик за одговорно известување
Владата повторно ги повика медиумите да се придржуваат до високите стандарди на професионално известување. Да покажат почит кон болката и достоинството на засегнатите семејства.
„Правото на информации никогаш не смее да биде по цена на основната човечка пристојност“, се наведува во реакцијата.
Владата нагласи дека останува посветена на транспарентноста и слободата на медиумите, но нема да толерира неетички практики кои го нарушуваат јавниот интерес.
Повикувајќи ги релевантните меѓународни медиумски тела да реагираат, Владата предупреди дека ваквиот тренд може дополнително да ја поткопа довербата во медиумите.
Извор: Република