Владата апелира да не се шпекулира со несреќата во Кочани, граѓаните бараат одговорност
Владата будно ја следи состојбата и ги вложува сите напори за да се подобри системот, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција, по седум дена од трагедијата во дискотеката во Кочани.
– Ја разбираме загриженоста и разочараноста на граѓаните поради нефункционирањето на системот, но во исто време апелираме да не се шпекулира со невистини и манипулативни наративи. Во ниеден случај не сакаме да се злоупотребува оваа трагедија, изјави Митева.
Во тек е опсежна истрага, приведени 34 лица
Портпаролката потсети дека во врска со трагедијата во моментов тече опсежна истрага, во која досега се приведени 34 лица, но истрагата сè уште не е завршена.
– Мора да дозволиме органите на прогонот да си ја завршат работата темелно и правично. Не смееме да дозволиме различни мрежи да го попречуваат процесот преку повици за дестабилизација и сценарија што можат да му наштетат. Од ова мора да излеземе посилни и со испорачана правда, нагласи Митева.
Граѓаните бараат објавување на документацијата
Граѓанското движење „Кој е следен?“, кое организира собири по несреќата, изнесе конкретни барања за целосна одговорност.
Тие бараат објавување на целата документација за работењето на клубот „Пулс“, што ја поседуваат:
Државниот пазарен инспекторат,
Министерството за економија,
Градежниот и Инспекторатот за урбанизам,
МВР,
Општина Кочани,
Дирекцијата за заштита и спасување,
Управата за јавни приходи.
Движењето нагласи дека државата не смее да си дозволи уште една трагедија без правна разрешница и дека системот конечно треба да профункционира како што е пропишано.
Протест најавен за 24 март
За утре, 24-ти март, на плоштадот „Македонија“ е најавен протест, на кој ќе се бара одговорност за трагедијата во Кочани.