Од почетокот на следната година граѓаните би можеле да плаќаат пониска цена за електричната енергија, доколку Владата успее да го утврди моделот на кој веќе се работи. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека се бара формула со која струјата би поевтинила од јануари, нагласувајќи дека подобрувањето на животниот стандард останува владин приоритет.

Одговарајќи на новинарско прашање за оценките дека граѓаните ги очекува тешка есен, Мицкоски рече дека во третата година од мандатот на Владата цената на електричната енергија не е зголемена. Според него, сега се прават пресметки и се разгледуваат можности за нејзино намалување.

„Веќе трета година од мандатот на Владата цената на електричната енергија за граѓаните не само што не е поскапена, туку се обидува да се најде формула од јануари да поевтини“, изјави Мицкоски.

Тој направи споредба со периодот на претходната влада, тврдејќи дека за време на владеењето на СДСМ и ДУИ цената на струјата се зголемила за околу една третина. Мицкоски оцени дека резултатите треба да се споредуваат преку конкретни бројки, а не преку политички обвинувања.

Премиерот ја обвини опозицијата дека шири песимистички сценарија за економската состојба и за можностите на државата. Тој порача дека Владата ќе продолжи да носи политики насочени кон подобрување на животот на граѓаните и дека тоа ќе остане главен приоритет додека е на функцијата.