Владата го утврди Законот за Советот на јавни обвинители

На денешната седница, Влада на Република Северна Македонија, по предлог на Министерството за правда, го утврди Законот за Советот на јавни обвинители. Како што соопшти Владата, законот претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.

Прецизни постапки и засилена улога на Советот

Со законското решение детално се уредува постапката за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која може да се покрене врз основа на образложено барање од најмалку четири члена. Дополнително, се зајакнува улогата на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вклучително и можноста за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието.

Транспарентност и јасни критериуми

Предлог-законот предвидува зголемена транспарентност на работата на Советот преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на личните податоци, угледот на странките и други легитимни интереси. Воведени се и прецизни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантираат стручност, искуство и интегритет, како и детално уредена постапка за нивно разрешување. Владата информира дека Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Јавното обвинителство, добил заедничко позитивно мислење од Венецијанска комисија.