Владата ќе ги покрие трошоците за превоз и сместување на семејствата на повредените во трагичниот пожар во клубот „Пулс“ во Кочани, кои моментално се лекуваат во болници во други земји. Ова го најави владината портпаролка Марија Митева. Таа истакна дека утре на владина седница ќе биде донесена официјална одлука за оваа мерка.
12 пациенти со авион се префрлаат од Скопје за Белград
Помош за семејствата во најтешките моменти
Митева нагласи дека семејствата не треба да бидат загрижени за финансиски трошоци и логистика во овие критични моменти. Владата ќе обезбеди поддршка, овозможувајќи им да бидат блиску до своите најблиски. За координација и повеќе информации, тие можат да се јават на телефонот 070 270 370.
Официјална сметка за донации преку Црвениот крст
Дополнително, Владата донесе одлука да соработува со Црвениот крст на Скопје за управување со официјалната сметка за донации за настраданите. Оваа мерка е донесена со цел да се обезбеди брза и транспарентна дистрибуција на помошта, како и да се спречат можни злоупотреби.
„Со воспоставување на единствена официјална сметка за донации, ги елиминираме сите дилеми за тоа каде и како да се донира. Ова ќе осигури дека секој придонес оди токму онаму каде што е најпотребно“, изјави Митева.
Владата останува посветена на поддршката за настраданите и нивните семејства, со акцент на ефикасна помош и брза реакција во координација со надлежните институции.
Извор: Миа