-Од овде, од Солун, сакам да испратам, да испратиме сите заедно, со вашето присуство, да испратиме една јасна порака: работите се премногу сериозни за да го оставиме господинот Мицотакис да го подели и распарчи грчкото општество. А пораката што ја испраќаме денес е: До тука! Доста е! Немаме право да дозволиме, не можеме и нема да дозволиме лагите, репресијата и корупцијата да станат нормалност во земјата и да продолжат безгрижно да уживаат во летни викенди со 13.000 мртви во земјата, порача Ципрас.
Додаде дека на Грција „во овој тежок момент“, потребно ѝ е лидерство кое може да го убеди и обедини народот и истакна дека Мицотакис, со неговите постапки во минатото, веќе го загуби неговиот кредибилитет.
-Ни продаваат наводно враќање во нормала и во голем и силен раст, а знаат дека економијата веќе ја извадија од шините и планираат нагло слетување. Освен ако не сметаа на нешто друго, како што е нивната вообичаена тактика. На исплашеното општество да му ветуваат работи што не можат да ги исполнат, за да одат на предвремени избори, среде пандемија за можеби да се спасат од падот, пред пресудата на народот, рече Ципрас и додаде дека ако Мицотакис размислува на такво нешто, СИРИЗА е подготвена и го чека, но го чека и „големо изненадување“.
Во однос на пандемијата Ципрас,рече дека на располагање се три оружја: зајакнување на здравствениот систем, искористување на сите можни, па дури и експериментални фармацевтски програми тешко болните и вакцината, за да се изгради имунитетот на населението.