За таа цел Владата одобрила 720 милиони денари за што преку Министерството за финансии ја известила Комисијата која на денешната седница ги усвои измените на планот за јавни набавки и за почетокот на набавка на терминалите.

Потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху на седницата информираше дека во мај ќе почне постапката за јавна набавка на интегрираниот систем за биометриска идентификација на гласачите и оти проценета вредност на договорот е 720 милиони денари. Според Шеху, останатите постапки ќе почнат во јуни и јули, а таа верува дека до средината на август ќе бидат спроведени сите постапки и склучени договори за локалните избори.

–Постапката ќе биде отворена. Другата недела планираме да спроведеме и технички дијалог, што ќе трае пет дена. Постапката ќе биде јавна и транспаретна. Ќе оди преку Електронскиот систем за јавни набавки. Сите заинтересирани понудувачи или оператори домашни или странски можат да даваат свои препораки, да даваат забелешки на нашата изготвена веќе нацрт – тендерска документација и барање за техничкиот дијалог што се однесува до системот за биометриска идентификација на гласачите, рече Шеху.
Најави дека јавноста ќе биде информирана за текот на набавката и за тоа колку понуди ќе има.