Телефон за итна поддршка – не само за контакт, туку за персонализирана грижа
Повредените лица во трагедијата во Кочани и нивните семејства од понеделник ќе можат да се јават на нова телефонска линија 070 355 526, која ја отвора Владата на Република Македонија. Ова го соопшти портпаролката на Владата Марија Митева на денешната прес-конференција.
Ја воспоставуваме новата телефонска линија за директна комуникација, управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата, која ќе биде активна од понеделник, 09.06 и ќе функционира непрекинато и достапно за сите повредени и нивните семејства. Телефонскиот број е нов канал за директна комуникација со повредените и нивните семејства, изјави Митева.
Таа додаде дека во првата фаза ги повикуваат сите повредени и нивните семејства да се јават и да ги изнесат своите барања, предлози и конкретни потреби кои ги имаат.
Оваа линија нема да биде само контакт – туку жив канал на комуникација, преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање, и со персонализиран пристап за секој случај, рече Митева.
Континуирана поддршка, а не еднократна акција
Митева појасни дека активностите се резултат на теренска комуникација, особено од страна на работната група за евалуација на повредените, која директно соработувала со семејствата и медицинските тимови.
„Свесни сме дека досега беа преземени повеќе активности – итна здравствена грижа, институционална мобилизација, финансиска и логистичка поддршка, но свесни сме и дека постојат сегменти кои се повторно неопходни“, додаде Митева.
Таа истакна дека Владата почнува со нова активност како дел од ветената континуирана поддршка на повредените и нивните семејства.
„Знаеме дека здравствената и психолошката состојба на повредените се менува секој ден – и дека пред сè, им беше потребно време да се посветат на своето закрепнување. Кога се во состојба на закрепнување и имаат нови барања и потреби ние сме целосно подготвени да им излеземе во пресрет за сите останати состојби со структуриран, отворен и достапен механизам“, изјави Митева.
Можно и отворање канцеларија во Кочани
Митева нагласи дека целта е институциите да реагираат што е можно побрзо и ефикасно.
„Битно е преку телефонската линија во прва фаза да ги соберат и сублимираат сите барања и да ги проследат веднаш до институциите кои се надлежни и тие да ги решат во најкус можен рок“, рече таа.
Дополнително, таа посочи дека не се исклучува ниту можноста за отворање посебна канцеларија или подобрување на условите во кочанската болница за повредените да не мораат за секоја интервенција да патуваат во Скопје.
„Ова е исто така тема на дискусија која ја имаме во рамки на Владата и е резултат на информации од работната група која ги евалуира состојбите и за многу скоро од денеска ќе објавиме и план како сето ова треба да се реши“, додаде Митева.