Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова утре во Охрид ќе биде домаќин на состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони. Како коорганизатори на овој значаен регионален настан се јавуваат претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.
На регионалниот состанок ќе учествуваат претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседавачката и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, претседателката на Косово, Јустина Широка-Пула, вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, како и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива воспоставена во 2013 година од страна на претседателите на Словенија и Хрватска со цел забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, зајакнување на регионалната соработка и стабилноста. Покрај Македонија, Словенија и Хрватска, во Процесот Брдо-Бриони учествуваат и Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.
