ВМРО-ДПМНЕ тврди дека поранешен директор на Царина наместил тендер вреден 18 милиони денари

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека случајот поврзан со поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, претставува доказ за, како што наведуваат, „криминалната и корупциска матрица на СДС“, при што упатија критики и кон лидерот на опозициската партија, Венко Филипче.

Од владејачката партија тврдат дека Богоев учествувал во местење тендер за одржување на хигиена на граничните премини и терминали.

„Поранешниот директор на Царинска управа од редовите на СДС, Стефан Богоев – Богац наместил тендер за одржување на хигиена на граничните премини и терминали во вредност од 18 милиони денари“, се наведува во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, тендерот бил договаран со Александар Спирковски.

„Богоев тендерот за чистење го наместил со сопартиецот, сива еминенција од огранокот на СДС во Прилеп, Александар Спирковски – Џемо, а за ова Богац зел мито од две илјади евра“, тврдат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за наводна провизија од 10 проценти

Од партијата оценуваат дека случајот не треба да се гледа како изолиран инцидент.

„Аферата со Богац, детето на Зоран Заев и негов несуден наследник не е обична, туку трага која не води до многу поголем криминал“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се тврди дека наводниот поткуп од 2.000 евра бил само почеток на договорените исплати.

„Преку медиумите, македонската јавност дозна дека Богац бил подмитен со 2.000 евра од Џемо, а ние од наши извори дознаваме дека тоа биле првите од илјадниците што требал да ги инкасира пуленот на СДС“, стои во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ упатија и прашање до Венко Филипче.

„Па го прашуваме, колку државни пари требал да украде Богац, за Венко Филипче тоа да го смета за криминал?“, наведуваат од партијата.

Истовремено, тие го повикаа Јавното обвинителство да ги провери нивните наводи.

„Го повикуваме ЈО да истражи дали е точна информацијата дека Богац требал да добие 10% од наместениот тендер вреден 18 милиони денари, што изнесува 1,8 милиони денари?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, случајот не е изолиран

Партијата смета дека станува збор за поширок проблем поврзан со кадри на СДС.

„Ова не е изолиран случај и личен инцидент на еден поединец. Не треба да заборавиме дека Богоев, на позицијата директор на Царина бил поставен од СДС, и Џемо негов соработник со кој го наместиле тендерот и го договарале митото и разни награди, е исто така човек од СДС“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека двајцата, според нив, ги злоупотребиле своите позиции.

„Двајцата партиски, како што се нарекуваат, другари ги искористиле своите влијанија и раководни позиции и во државната институција си наместиле милионски тендер“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.