Според Талевски, самите пратеници од ВМРО – ДПМНЕ на седницата денеска признале дека во оваа фаза тоа не може деловнички да се овозможи.

Талевски информира дека како претседател на Комисијата ги потсетил оти на отворањето на 13-та седница пред утврдувањето на дневниот ред за Законот за државјанство, а согласно член 124 од Деловникот на Собранието, се дава можност на присутните пратеници да предложат свои предлози согласно потребата на Комисијата односно предложените точки на дневен ред.

– На 5 март 2021 година на отворањето на седницата ниту еден од пратениците, вклучително и пратениците од ВМРО – ДПМНЕ, не даде предлог за јавна дебата или повикување експерти. Согласно тоа, дневниот ред беше усвоен со 8 гласа „за“ од 11 присутни, изјави Талевски, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност.

На прашањето дали има поднесено амандмани од страна на ВМРО – ДПМНЕ, Талески одговори дека амандмани од пратениците на ВМРО – ДПМНЕ не се поднесени.

На седницата процедурални забелешки имаа речиси сите пратениците од ВМРО – ДПМНЕ членови на Комисијата и бараат јавна дискусија.

Ставот на пратениците од ВМРО – ДПМНЕ, членови на Комисијата, е дека решенијата не се доволно добри и дури во некои моменти се противуставни бидејќи, сметаат, се прават пропусти и во редовната постапка за добивање државјанство, што пак, според нив е прифатливо, а нашата држава на тој начин ќе има најлиберални правила во Европа за стекнување документи, што, подвлекуваат, не е дозволиво за една сериозна држава што претендира да стане член на ЕУ.

За законот, според најавите, се подготвени десетина комисиски амандмани, по разговорите на пратениците и претседателите на СДСМ и премиер Зоран Заев и на АА и Алтернатива Зиадин Села.

Се очекува да продолжи седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.