ВМРО-ДПМНЕ ја критикува СДС и кандидатката Шукова за, како што велат, ново лажно ветување околу депонијата Вардариште во Скопје.
„Во 2020 година СДС Шукова и Заев во предизборната кампања ветуваа решавање на проблемот со депонијата Вардариште. Тоа ветување беше официјално запишано и во нивната програма насловена „Можеме’’ за парламентарните избори во 2020 година на страница 228, каде што стои: „Ќе помогнеме за итна ремидијација на поголем дел од дивите депонии, со приоритет на депонијата во Вардариште како и расчистување и рекултивација на локации со несоодветно отстранет отпад во урбаните и руралните подрачја.“ Ова е уште едно лажно предизборно ветување на СДС и Шукова“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата таа програма на СДС го наведува и износот од 42 милиони евра како финансиско портфолио за реализација на проектот. Каде завршија тие 42 милиони евра? Зошто СДС, Шукова четири години го влечеа истиот проблем без никаква реализација? Зошто ги лажеа граѓаните на Скопје дека ќе го решат проблемот со Вардариште? Како Шукова и СДС имаат доблест повторно истото да го ветуваат пред граѓаните, овој пат Шукова само од позиција како кандидат за градоначалник на Скопје? Ова е класичен пример на манипулација и лажење на јавноста. Ова е доказ дека СДС многу ветува а ништо не исполнува. СДС да не го потценува народот, СДС треба да знае дека 2 пати истите лаги не поминуваат, граѓаните знаат кој работи за нивно добро“, посочуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека нивната програма и план се фокусирани на решавање на проблемите на граѓаните, почиста животна средина, чист воздух и поквалитетен живот за сите жители.