ВМРО-ДПМНЕ го прашува потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, дали ја презел раководната функција во партијата на местото на Али Ахмети, реагирајќи на неговите ставови искажани во дебатната емисија „Топ тема“. Од најголемата опозициска партија велат дека „единствениот свет во кој треба да завршат корумпираните функционери на ДУИ е светот на правдата“.
„Наместо да одговори зошто молчеше за уцените од Бугарија, за деградирањето на државата на меѓународен план и за тоа како ДУИ ја користеше власта исклучиво за лични и партиски интереси, Османи создава нови поделби и тензии“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата порачува дека Владата нема потреба да бара ничија дозвола за водење надворешна политика, бидејќи тоа е уставна обврска добиена директно од народот. „Македонија не е приватна територија на ДУИ која треба да се раскрчми, како во минатото“, додаваат оттаму.
Во обраќањето, ВМРО-ДПМНЕ му порача на Османи дека е доста од „приказни за српски светови и големи Албании“ и постави неколку прашања:
Кој му го дал правото да го потпише Францускиот предлог без национален консензус?
Зошто молчи за криминалот во ДУИ?
Зошто ги дели Албанците на „вистински“ и „предавници“ според нивниот став за ДУИ?
„Секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, има исти права и одговорности. Но, никој нема право да ја приватизира надворешната политика и да ги лаже граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Реакцијата на опозициската партија доаѓа по синоќешната изјава на Османи, во која тој го праша премиерот „кој му дал право да ја стави земјата како истурен играч на ‘Српскиот свет’ без да ги праша Албанците“. Според него, коалицијата ВЛЕН воопшто не се прашува за евроинтеграциите на земјата.
„Ако тоа е така, тогаш и јас можам да прашам: кој вам ви дал право да преговарате за мојот европски идентитет? Албанците се прозападно ориентирани. Вие нè ставивте во контекст на ‘Српскиот свет’ без да нè прашате. Ограничувањето на легитимитетот на министри по етничка припадност е најскандалозната можно изјава“, рече Османи во емисијата.
Тој додаде дека прекумерната употреба на наративи против Албанците и ДУИ резултирала со создавање на „монструм на омраза“ кој сега ги прогонува и самите негови креатори.
Пред неколку дена, Османи на Фејсбук му порача на Христијан Мицкоски дека како министер за надворешни работи никогаш не преговарал во свое име, туку во име на државата.
„Кога премиерот јавно ќе го стави под знак прашалник легитимитетот на министер, не поради неговиот мандат туку поради неговото етничко потекло, тоа е навреда кон цела една заедница и обид за редефинирање на државата како етнички монопол, што е спротивно на Уставот, политичката реалност и европската идеја на мултиетничка демократија“, напиша Османи.