ВМРО-ДПМНЕ со честитка по повод 2 Август – Илинден порача дека празникот претставува еден од најсилните симболи на македонската борба за слобода, државност и достоинствен живот.

Во партиското соопштение се наведува дека Илинден ги поврзува идеалите на илинденците од 1903 година со делото на генерацијата која преку АСНОМ ги поставила темелите на современата македонска држава.

„Тој е сведоштво за истрајноста, пожртвуваноста и непоколебливата волја на народот да живее достоинствено и слободно“, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека Крушевската Република оставила трајна порака за вредностите на слободата, еднаквоста и меѓусебната почит, кои, како што наведуваат, биле потврдени и на Првото заседание на АСНОМ.

„Наследството што ни е оставено не е само повод за гордост, туку и одговорност. Наш долг е да ги штитиме државните интереси, да ги зацврстуваме демократските институции и да создаваме општество во кое владеат правдата, солидарноста и еднаквите можности за сите“, се додава во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ порача дека секоја генерација има своја улога во продолжувањето на македонската приказна и повика празникот да биде потсетник за одговорност кон иднината.

„Да бидеме достојни на оние што се бореле пред нас и со труд, знаење и одговорност да создадеме подобра иднина за оние што доаѓаат“, наведуваат од партијата.

„Честит Илинден!“ стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.