Мерките коишто ги презема Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за време на енергетската криза даваат резултати. Македонија останува со најниски цени на горивата од земјите во регионот, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека актуелната цена на бензинот БС-95 во Македонија изнесува 99 денари за литар, додека дизелот се продава по 104,5 денари за литар. Цените се утврдени со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која е во сила од 22 септември 2026 година.

Во споредбата што ја објави ВМРО-ДПМНЕ, бензинот во Грција се посочува како околу 30 проценти поскап и изнесува 129 денари за литар, во Албанија 126 денари, а во Србија 108 денари. Во Хрватска цената е 107 денари, во Црна Гора и Словенија 106 денари, додека во Босна и Херцеговина е 104 денари.

Од партијата ги споредуваат и цените на дизелот. Според нивните податоци, во Албанија литар дизел чини 147 денари, во Грција 126, а во Србија 124 денари. Во Словенија цената е 122 денари, во Хрватска 119, во Црна Гора 117, а во Босна и Херцеговина 116 денари.

ВМРО-ДПМНЕ наведува дека разликите во цените значат помал трошок за полнење на резервоарите на возилата и поголем простор во семејните буџети.

Од партијата како дел од мерките ги издвојуваат намалувањето на ДДВ и акцизите, за кои оценуваат дека придонесуваат за одржување на цените на горивата под контрола.

„Мерките коишто ги презема Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за време на енергетската криза даваат резултати“, наведуваат од партијата, додавајќи дека Владата, според нив, се води од интересите на државата и животниот стандард на граѓаните.