Предложениот ребаланс на Буџетот, чии клучни сегменти се зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството, го образложува заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски.
Со овој ребаланс, според предлагачот, приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Останува понатаму определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии.
Приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 гоидна, а што, според предлагачот се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет. Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.
Дефицитот е проектиран на ниво од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП. Тој заедно со отплатите од претходните задолжувања во износ од 43,3 милијарди денари, ќе се финансираат од надворешни и домашни извори.
Новини во релабансот се новата потпрограма за зелен развој, нови инструменти како развојна обврзница и зелена обврзница кои ќе бидат наменети исклучиво за инвестиции и зелен развој. Предвидени се и двете мерки за воведување еколошка такса на горивата и намалување на ДДВ кај електричната енергија, за кои Владата денеска треба да донесе одлука, а да почнат да се применуваат од 1 јули 2021 година.
Проекцијата за раст на БДП со ребалансот останува на 4,1 процент.