Опозицијата обвинува дека биле следени нивни членови. Драган Ковачки од ВМРО, обвинува дека станувало збор за злосторничко здружување на полицајци блиски до власта, со главна цел да ги следат активистите на неговата партија и тоа во ек на изборната кампања. Меѓу следените, вели тој, бил и кандидатот за градоначалник на Прилеп од редовите на опозицијата, кој е сега веќе избран на функцијата во првиот изборен круг.
– Земете му ја колата и убијте го, гласи една од координираните пораки во групата. Друга порака од групата вели: Застанете ги возилата и на принуден технички преглед. Еве ги грозоморните детали. Цитирам една од пораките: ‘Вчера во 19 часот на улица Кеј 19 септември пред зградата на зоолошката, втора зграда, тојота црн џип, ПП 0200 во кој седеше Борче Јовчевски. Во возилото седеше со УПС Мики Чадамов кој му предаваше списоци, односно документи, рече Драган Ковачки, ВМРО – ДПМНЕ.
МВР преку соопштение ги отфрли како невистинити обвинувањата за координирано следење на членови на ВМРО – ДПМНЕ. Полицијата демантира дека била формирана Вибер група и оти активностите на МВР се се договарале на оваа апликација.
– После направена проверка на статистиката за возила испратени на технички преглед, информираме дека тој ден во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле. МВР веднаш започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, наведоа од МВР.
Додека МВР посочува дека на денот на изборите немало ниту една пријава од граѓани за неправилности и злоупотреби какви што презентираше ВМРО – ДПМНЕ, опозицијата побара обвинителството веднаш да отвори случај против министерот за внатрешни Оливер Спасовски, премиерот Зоран Заев и против вицепремиерот против корупција Љупчо Николовски, но против лица вработени во МВР.