Досега едно лице починало како последицата на зараза со оваа варијанта на коронавирусот.

Премиерот Борис Џонсон рече дека новата варијанта резултирала и со приеми во болница. При посетата на клиниката за вакцинација во Лондон, тој инсистираше дека луѓето треба да ја „остават настрана идејата дека омикрон е поблага варијанта“.

– За жал, да, омикрон води до хоспитализација и, за жал, потврдено е дека најмалку еден пациент починал, рече тој.

– Значи, мислам дека треба да ја оставиме настрана идејата дека ова е на некој начин поблага верзија на вирусот и треба да го препознаеме брзото темпо со кое се шири низ населението, додаде тој.

Министерот за здравство Саџид Џавид изјави дека десет лица заразени со омикрон се хоспитализирани.

– Се шири со неверојатна брзина, нешто што досега не сме го виделе – бројот на инфекции се удвојува на секои два до три дена“, рече Џавид за Скај њуз. Тој додаде дека е рано да се каже дали случаите со новата варијанта се поблаги.

Џонсон вчера и се обрати на јавноста со претходно снимена изјава, откако во таа земја беше воведена вонредна состојба поради омикрон варијанта на вирусот.

– Никој не треба да се сомнева дека ни пристигнува цунами од омикрони. Се плашам дека сега е јасно дека две дози вакцина едноставно не се доволни за нивото на заштита што ни треба на сите, рече Џонсон.

– Веднаш земете засилувачка доза од вакцината. Секој на возраст над 18 години во Англија ќе добие шанса да добие бустер доза пред Нова година, додаде тој.

– Секој возрасен во Англија од утре може да добие бустер доза доколку ја примил втората доза пред повеќе од три месеци, изјави британскиот премиер.