Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе се сретнат на 14 септември во Брисел како дел од новата рунда од дијалогот со посредство на ЕУ, потврди денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак ќе имаат средби одделно со Вучиќ и Курти, по што ќе следи заедничка, трилатерална средба.
Во фокусот на средбата ќе биде имплементацијата на Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија, за кој Вучиќ и Курти постигнаа договор во Охрид на 18 март, како и актуелни прашања, соопшти ЕЕАС.
Вучиќ и Курти последен пат се сретнаа во Брисел на 2 мај, девет дена по вонредните локални избори на северот на Косово, кои беа бојкотирани од Србите. Во таа рунда од бриселскиот дијалог беше усвоена Декларацијата за исчезнати лица и беше претставен првиот нацрт на Статутот на Заедницата на српски општини.