Нови огласи за ИПАРД 3 – Програмата најави директорката на Платежната агенција Даниела Иротова-Лазарева, откако во декември лани европските пари за нашите земјоделци беа суспендирани поради голем корупциски скандал.
Директорката Иротова-Лазарева најавува дека во декември ќе се отворат огласи за мерките 1, 3 и 7, за што земјоделците и преработувачките компании можат да почнат со подготовка на потребната документација за аплицирање. За да се елиминираат можни нови злоупотреби на европски средства во наредниот период, Платежната агенција направила одредени измени на постапките и процедурата за аплицирање на ИПАРД 3 – Програмата, за што се чека крајно одобрение од Националниот координатор на ИПАРД Програмата во Министерството за финасии.
Речиси една година ИПАРД 3 за Македонија беше под знак прашалник поради откривањето на големиот корупциски скандал, во кој е инволвиран поранешниот директор на Платежната агенција Илија Стоилев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Во тек е судски процес на деветмина обвинети за примање и давање мито од над 50 илјади евра, дел од нив вработени во МЗШВ и УЈП.
„Сите договори по сите мерки се склучени, ранг-листите се објавени на страната на Агенцијата и ги охрабрувам сите кои што имаат можност за инвестиции, без разлика дали во производствени капацитети, подигање на нови земјоделски насади, да се подготвуваат – во декември ќе ги објавиме сите средства со кои располагаме, во програмскиот период 2027 година“, потврди Иротова-Лазарева за медиумите.
Вкупната европска помош за македонските земјоделци за периодот 2021-2027 година изнесува 128 милиони евра, од нив 97 милиони евра се европски средства, додека Македонија учествува со 31 милион евра, како национално кофинансирање.
Директорката Даниела Иротова-Лазарева најавува дека до крајот на оваа година ќе ги исплатат сите заостанати субвенции, а од февруари 2027 година ќе почне исплатата за оваа година.
„Само мал дел е останат за исплата од 2024 година, за исплата на регистрираните земјоделци за пензиско и инвалиско осигурување, повластена основица… Некаде околу 80 проценти од субвенциите за 2025 година се при крај за исплата. До јануари и февруари планираме да ја затвориме исплатата на субвенции за 2025, и да почнеме со исплата на субвенциите за 2026 година“, рече Иротова-Лазарева.
Веќе почнува процесот на подготовка на новата Национална програма за субвенционирање на земјоделците од државниот буџет за 2027 година. Државата редовно обезбедува приближно 100 милиони евра годишно за финансиска поддршка за земјоделството, но на последниот голем протест на земјоделците и сточарите кај Тополчани во Пелагонија, тие порачаа дека сточарството и воопшо земјоделството се доведени во тешка состојба и дека државната помош треба двојно да се зголеми на 200 милиони евра за Македонија да продолжи со домашно производство на храна.
