Во Делчево се одржа 26. издание на Голачки фолклорни средби.  Организатор на настанот беше Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров”, чиј директор Методи Толевски изрази задоволство од посетеноста и кореографиите со кои се претставија учесниците.

– Не очекував дека публиката ќе дојде во толкав број и се надевам дека догодина ситуацијата ќе се смири и „Голачките фолклорни средби“ ќе се вратат на планината Голак, каде им е местото и ќе се одржат во редовниот термин – 8 спроти 9 август кога се слави празникот „Св.Пантелејмон”, рече Толевски.

Меѓу останатите учесници, со своја кореографија се претставија и фолклористи при Центарот за култура „Бели Мугри” од Кочани, чиј в.д директор Александра Димитрова изрази задоволство што биле дел од оваа манифестација.

-Драго ми е што сме дел од Голачките фолклорни средби и се надевам дека во годините пред нас, оваа соработка со Центарот за култура од Делчево ќе продолжи за настани од ваков вид, рече Димитрова.

На Голачките фолклорни средби, покрај домаќинот – фолклорната група ,,Н.Ј.Вапцаров” од Делчево и фолкорната група при Центарот за култура „Бели Мугри” од Кочани, настапија и фолклорната група „Копачка”, музичката група при Здружението на пензионери од Делчево, културно-уметничкото друштво ,,Вера Јоциќ” од Македонска Каменица и фолклорниот ансамбл ,,Љупчо Сантов” од Оризари, Кочани.