Под контрола пожар кај Македонски Брод
Во текот на изминатото деноноќие на територијата на државата биле регистрирани вкупно 17 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, еден пожар е ставен под контрола, додека 16 се целосно изгаснати.
Под контрола е пожарот во Општина Македонски Брод, во атарот на селото Белица, каде што биле зафатени борова шума и ниска вегетација.
Изгаснати пожари на повеќе локации низ земјата
Изгаснати се пожарите во Општина Ѓорче Петров кај селото Кучково, во Велес кај селото Црквино, во Неготино кај селото Црвени Брегови и во Богданци кај селото Стојаково, каде горела ниска и деградирана вегетација.
Пожари биле изгаснати и во Струмица кај селото Добрејци, во Босилово кај селото Босилово, како и во Општина Василево, меѓу селата Чанаклија и Ѓечерлија, каде биле зафатени депонија и ниска вегетација.
Интервенции и во урбани и рурални подрачја
ЦУК информира дека изгаснати или локализирани се пожари и кај манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, кај прилепското село Царевиќ, во селото Нов Караорман во Општина Карбинци, како и во штипската населба Баби до месноста Мирјанина Црква.
Меѓу изгаснатите се и пожарите во Берово кај селото Смојмирово, во Бутел на Љуботенски пат, во Куманово на улицата „11 Ноември“, во Општина Брвеница кај селото Милетино и во Кривогаштани кај селото Воѓани, каде гореле депонии и ниска вегетација.
Од Центарот за управување со кризи посочуваат дека состојбата се следи континуирано и апелираат до граѓаните на внимателно однесување на отворен простор со цел спречување на нови пожари.
