Лидерска средба во Клубот на пратеници за реформските закони и укинување на техничката влада

На иницијатива на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Клубот на пратениците е закажана лидерска средба на претседателите на парламентарните партии со пратенички групи во Собранието. Како што е најавено, на средбата ќе се разговара за реформските закони од правосудството, изборот на народен правобранител, измените на Изборниот законик и за укинувањето на техничката влада, како и за други теми предложени од учесниците.

Кои лидери ја прифатија поканата

Од опозициските партии, учество потврдија лидерите на Левица и ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети. Поканата, пак, ја одби претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Од владејачката коалиција, на средбата се очекуваат лидерот на ЗНАМ – За наша Македонија и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, како и претставникот на коалицијата ВРЕДИ, градоначалникот на Тетово Биљал Касами. Координаторот на пратеничката група на ВРЕДИ, Беким Ќоку, информираше дека коалицијата ја прифатила поканата, иако во неа немало конкретно наведени точки за дневен ред.

Ставови за техничката влада и изборниот модел

ДУИ одлуката за учество на Ахмети ја донесе на состанок на Генералниот совет во Мала Речица. Портпаролката Арта Биљали Зендели соопшти дека одлуката е едногласна, без да ги прецизира барањата на партијата, нагласувајќи дека тоа е исклучиво право на Ахмети.

Левицата соопшти дека прифаќа укинување на техничката влада, но само доколку се воведе една изборна единица. Пратеникот Амар Мециновиќ изјави дека партијата ќе учествува на средбата со цел воспоставување конструктивен дијалог.

Позициите на Мицкоски и Филипче

Премиерот Мицкоски претходно најави дека целта на средбата е постигнување консензус за клучните реформски закони и за укинувањето на техничката влада, потенцирајќи дека вакви системски измени треба да се носат со широка согласност. По одбивањето на Филипче, Мицкоски изјави дека очекувал поголема зрелост и оти процесот сакал да биде инклузивен, иако владејачкото мнозинство има можност и самостојно да ги донесе измените.

Филипче, пак, повика техничката влада да остане како гарант за фер избори и механизам против злоупотреби, оценувајќи дека дискусијата за реформските закони треба да се води во Собранието. Воедно, тој порача дека СДСМ ќе учествува на парламентарни избори доколку бидат распишани.

Иницијативата за лидерска средба ја поздравија и ЛДП и ДОМ, оценувајќи ја како можност за суштински дијалог за реформските процеси и изборниот модел.