Повеќе од 700.000 луѓе кои избегале од војната во Украина дошле во Германија, објави денеска германскиот весник „Велтам Зонтаг“, цитирајќи го Министерството за внатрешни работи.
Од почетокот на војната во Украина до 11 мај во германскиот Централен регистар за странци се регистрирани 727.205 лица, меѓу кои 93 отсто се лица со украинско државјанство.
Се наведува дека некои можеби заминале во други земји на ЕУ или се вратиле во Украина.
Околу 40 отсто од украинските бегалци се малолетни, а жените сочинуваат 81 отсто од возрасните бегалци.
Бројот на луѓе кои ја напуштиле Украина надмина шест милиони, што е најголемата бегалска криза од крајот на Втората светска војна, објави Агенцијата за бегалци на ОН.