-Тоа што би требало да се бара при премин на границите се потврда или за примена вакцина за што ние имаме спремна потврда со соодветен код, кој ќе биде прифатен на сите гранични премини. Тој сертификат е подготвен и на почеток на следната недела веќе во понеделник ќе се издава ретроактивно на сите лица кои се ревакцинирани. Доколку граѓаните не се вакцинирани, вториот услов е негативен ПЦР тест. Ние имаме листа од дваесетина овластени лаборатории кои стручната Комисија на Министерството за здравство и дел од Комисијата за заразни болести утврдиле дека работат во соодветни стандарди и тие лаборатории со издаден ПЦР тест, се разбира доколку е тој негативен, граѓаните ќе имаат можност да влезат во Грција. Сега чекаме и официјална потврда, а секако ја следиме и епидемиолошката состојба, изјави Филипче во интервју за ТВ Сител.
Дали со една доза на вакцината Астра Зенека ќе може да се патува во странство, министерот посочи дека таква одлука се уште нема, но таква одлука има и така функционира Велика Британија.
-Таа тоа го дозволи поради две работи, прво за пократко време да бидат вакцинирани што поголем број граѓани, но во исто време потврдувајќи дека само една доза создава сосема доволна количина на антитела и веќе 2-3 недели после вакцинацијата граѓаните се целосно заштитени, рече министерот.
Филипче истакна дека тоа што ќе ја смени сликата во однос на динамиката и на вакцинирање во Скопје и во другите градови е големата количина на вакцини од Кина што треба да стигне до крајот на месецов, како и дополнителните капацитети, односно спортските сали кои веќе се подготвуваат во шест градови во државата каде ќе се спроведува масовна имунизација.
-Кинеската вакцини која според најавите очекуваме да стигне на 28 април тоа се 200 000 дози и тоа е нешто што точно знаеме како ќе се подели, како ќе се дистрибуира и кој ќе биде начинот на регрутирање на граѓаните кои ќе се вакцинираат и како ќе се спроведува процесот на имунизација. Капацитетот е некаде околу 10.000 некалкулирајќи ги спортските сали кои сега ги подготвуваме во неколку градови и кои треба да се подготвени до крај на оваа недела. Тоа се спортски сали во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола каде на ист принцип како во салата Борис Трајковски, вработените или дел од вработените во здравствените домови и центрите за јавно здравје на повеќе пунктови од тоа што го дозволува моменталната конфигурација на здравствените домови ќе може да вакцинираат поголема бројка на граѓани, рече, меѓудругото, Филипче во интервју за ТВ Сител.