Традиционалните протести во Грција за одбележување на Денот на трудот, оваа година ќе се одржат на 6 мај, за кога Синдикатот на вработените во јавниот сектор закажа 24-часовен штрајк и повика на собири, јави дописничката на МИА од Атина.

Синдикатот на вработените во приватниот сектор, од друга страна, 24-часовниот штрајк го закажа за во вторник.

И од двата синдиката оваа година, за Денот на трудот се осврнуваат на новите измени во законот за работни односи што ги носи Министерството за труд на Грција и упатуваат порака дека не смее во никој случај да се промени осумчасовното работно време.

Од Синдикатот на вработените во јавниот сектор, велат дека Владата, со конкретниот закон, меѓу другото, планира да го укине осумчасовното работно време и петте работни денови во неделата и да воведе десетчасовната работа, да ги укине колективните договори, но и да го укине правото на штрајк.

За в четврток, веќе се закажани протести како во Атина, така и во другите грчки градови, а на масовно учество повикаа и од опозициската СИРИЗА за заштита на работничките права.