Официјалните податоци на хрватскиот Државен завод за статистика (ДЗС) за бројот на иселениците се многу помали од реалните, пишува „Јутарњи лист“, наведувајќи дека неофицијалните резултати од пописот покажуваат дека Хрватска има помалку од 3,9 милиони жители.
Тоа е дури десет отсто помалку од последниот попис од пред десет години во 2011 година и претставува значителен пад на бројот на населението, со значително помалку млади, додека бројот на стари луѓе расте, пишува „Новости“.
Крајниот рок за ДЗС да ги објави резултатите од пописот истекува во средината на јануари, но според првичните процени, населението се намалило на околу 3,9 милиони, а можеби и помалку од тоа, пишува весникот.
-Ќе бидеме меѓу 3,9 и четири милиони, поблиску до 3,9, бидејќи податоците за емиграцијата не се точни. Проценките на ДЗС направени на почетокот на годината покажуваа дека нè има повеќе од четири милиони, но всушност реално сме најмалку 50 000 до 80 000 луѓе помалку. Ова е резултат на потценетото иселување, односно бројот на иселениците. Од друга страна, имаме сѐ повеќе имигранти, особено од земјите на поранешна Југославија, кои не беа запрени од корона-кризата. Нив ги привлече недостигот на работна сила, особено во градежништвото и туризмот. Ако овие работници се во Хрватска повеќе од една година, па дури и да дошле пред три месеци, но имаат договор за работа на една или две години, треба да се приклучат на списокот и поради нив мислам дека нема да паднеме под 3,9 милиони,вели демографот Иван Чипин за „Јутарњи лист.
Друг експерт за статистика и демографија, кој сакаше да остане анонимен, има малку полоша процена и смета дека Хрватска нема ни 3,9 милиони жители. Тој е убеден дека бројката е поблиску до 3,88 милиони.
-Сегашните официјални податоци се дека Хрватска има четири милиони и 40 илјади жители. Но, кога ќе ги погледнете миграциите, ќе видите дека само секој втор емигрант се одјавил од Хрватска, така што доаѓаме до десет проценти помалку жители од пописот во 2011 година,
оценува соговорникот и забележува дека паничните процени дека земјата ќе има 3,5 милиони се неосновани.
Според овие неофицијални податоци, последниве десет години Хрватска ја напуштиле нешто помалку од 400 илјади жители, а причината е пред сѐ економската криза и неможноста да се вработат, како и немањето перспектива за младите. И, како што стојат работите, трендот на напуштање на Хрватска и падот на наталитетот ќе продолжат.