Заменик-градоначалникот на Мариупол Сергеј Орлов соопшти дека во градот сè уште има околу 130.000 луѓе.

Градот е под блокада повеќе од педесет дена, а Орлов вели дека веќе нема струја, вода, храна ниту лекови.

– Луѓето живеат во услови на постојано бомбардирање и воздушни напади. Недостасува сè, недостасува живот, рече тој и додаде дека на бранителите на градот им е сè потешко и оти се опколени.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук претходно соопшти дека Украина се договорила со руските сили денеска да се отвори безбеден коридор за цивилите да го напуштат разурнатиот пристаништен град Мариупол.

– Успеавме да постигнеме прелиминарен договор за хуманитарен коридор за жени, деца и стари лица, напиша таа на социјалните мрежи.