Од општината посочија дека во Нацрт програмата за уредување на градежно земјиште во 2020 година, која моментно е на јавна расправа, се предвидени повеќе активности и проекти за изградба на нови водоводни и канализациски линии.

– Покрај изградбата на нови водоводни линии кон селата Негорци,Прдејци и Богородица, како и кон ГП „Богородица“ кои се финанирани со средства од германскиот грант, од опствени средства планираме изградба на нови водоводни линии во неколку градски урбанистички блокови и во селата Кованец, Габрово и Давидово, велат од надлежната општинска служба.

Скоро половина од Гевгелија, поточно јужниот дел на градот, од поранешната Касарна до Железничката станица, ќе биде раскопан поради сепарација на постојната канализациска мрежа и инсталирање на нова атмосферска канализација. Од општината потврдија дека и овој проект ќе е реализира со средства од германскиот грант.

Од сопствени средства, општина Гевгелија ќе гради нови канализациски мрежи во селата Милетково, Смоквица и Ново Конско, а планира да ги доврши фекалните канализациски мрежи во Негорци, Богородица и Миравци.