Новата учебна 2023/2024 година денеска почна и за основците и средношколците во општина Пустец, област Мала Преспа, Република Албанија, но со помал број ученици, појава присутна со години.
Во оваа општина, во прво одделение запишани се девет додека во гимназијата само двајца ученици, што е последица на масовната миграција на населението.
-Продолжува појавата на намалување на учениците во двете нивоа на образование, што го потврдуваат и самите бројки. Во општината во ученичка клупа за првпат седнаа 9 првачиња а во прва година во гимназијата запишани се само два ученика. Инаку, во основно и средно образование наставно-воспитниот процес ќе го следат вкупно 89 ученици, што е за 20 ученици помалку споредено со минатата учебна година, изјави за МИА, Пали Колефски градоначалник на општина Пустец.
Дообјаснува дека од вкупниот број, 74 се ученици во основните училишта, што е за 13 ученици помалку, додека 15 во гимназијата во Пустец, што е за седум ученици помалку.
Колефски на првиот училиштен ден беше со учениците во деветолетката во Пустец и посака среќен почеток и многу успех во совладувањето на наставните единици.
-Вам драги ученици и на вашите наставници ви посакувам пред се добро здравје, среќа и успешен почеток на наставно-образовниот процес во оваа учебна година. Посебни честитки до оние кои првпат седнуваат во ученичка клупа. Годината да биде исполнета со другарство, радост и успех, посака Колефски.
Во општината функционира и градинка, во која годинава се опфатени 30 дечиња.
Општина Пустец е наоѓа во јужниот дел на областа Мала Преспа каде на брегот на Преспанско Езеро се распослани девет села населени со Македонци. Некогаш имало над 7 илјади жители, но поради миграцијата бројот на постојаните жители е преполовен.