Седумдесет и седум годишна неподвижна старица изгоре во пожарот што зафати трошна куќа во охридското село Требеништа, а други две лица со изгореници и повреди по телото од помал степен се извлечени од објектот. Од противпожарната служба во Охрид утрово интервенирале со две возила и пет пожарникари. Пожарот настанал откако на сега починатата жена и експлодирала плинска боца во лицето, а пожарот настанал од силината на експлозијата.

„Затекнато е опожарување на објектот во распламтена фаза при што веднаш се преземени сите мерки за справување со истиот. При тоа се иозвлечени маж и жена од објектот, а подоцна е затекнато и починато лице во самиот објект. Починатото лице според првичниот наш увид на лице место беше со изгореници од трета-четврта фаза. Целосно опожарување имаше на кровната конструкција и дел од собите и кујната“, рече Борко Јанкулоски, командир на Противпожарна служба.

Увид изврши и јавниот обвинител, а од брзата помош велат дека веднаш по нивното пристигнување на лице место им пружиле помош на двете лица – една од нив била сестра на сега починатата. Таа поради вдишување на поголемото количество јаглерод моноксид е транспортирано во охридската болница.