Нема дефекти во топланите и дистрибутивната мрежа за парно греење во Скопје и тие се 100 отсто функционални. Се интервенира по повици на граѓани за дефекти во домовите или на потстаниците во зградите, но тоа, како што велат од АД ЕСМ, е вообичаено на почетокот на грејната сезона.

Од денеска корисниците на централното греење ќе треба да потпишат нови договори со ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје.

Од ЕСМ уверуваат дека засега нема проблем во производството и испорачувањето на топлинската енергија и оти ќе има доволно енергенси за целата грејна сезона. Директорката за производство од АД ЕСМ Александра Маројевиќ вчера информираше дека во првите два дена од стартот на грејната сезона пријавени се околу 600 дефекти од корисници на топлинска енергија, а најголем број се однесуваат на истекување од внатрешни инсталации.

– Овие дефекти не можат да се предвидат од наша страна, ниту од страна на корисниците. Во таков случај нашите екипи ја прекинуваат испораката на топлинска енергија во тие потстаници сè додека кај корисниците не се отстранат дефектите од истекувањето, појасни Маројевиќ.

Најчести причини за студени радијатори се дефекти во топлински потстаници, како и најразлични затнувања на радијаторите, затнување на воздух, запуштен прочистувач, откажување на пумпи итн.

Приоритет на сервисните екипи на терен имаат рекламациите за течење, со оглед дека тие можат да предизвикаат материјална штета во домовите. Сите останати рекламации за немање греење, односно студени радијатори се извршуваат од сервисните служби на терен по редослед „прв јавен, прв услужен“.

Во однос на испораката на топлинската енергија во попладневните часови, таа посочи дека во изминатите два дена греење немало зашто надворешните температури биле високи.

– Млаките радијатори во овој период и во наредниот не се дефект, туку се рационална испорака на топлинска енергија согласно правилата, со цел во објектите да се исполни 20+1 степен Целзиусов. Како ќе паѓаат надворешните температури, така и обемот на испорачана топлинска енергија низ грејните тела ќе се зголемува, појасни Маројевиќ.

Во однос на енергенсите, информира дека АД ЕСМ и државата работат на обезбедување природен гас по поволни цени, а ако во тоа не се успее, алтернативно решение ќе биде користењето на дизел гориво, кое е достапно на пазарот и навремено ќе биде обезбедено. На располагање се државните резерви во однос на основните енергенси и граѓаните треба да бидат спокојни во поглед на парното греење во Скопје.

Додека од власта и од ЕСМ тврдат дека се преземени сите потребни чекори и скопјани ќе имаат парно цела грејна сезона, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека многу корисници останале со студени радијатори. Очекуваат да биде прифатена помошта која тие ја понудиле за надминување на енергетската криза.

– Суштината на немањето парно греење кај дел од скопските домаќинства приклучени на централно греење, е затоа што од власта не се подготвени и работат само за свои лични интереси и продолжуваат со тендери во четири очи. Токму поради нивната неподготвеност, ние понудивме помош и решенија и се надевам дека кај власта ќе завладее разумот и ќе ја прифатат подадената рака за да им се помогне на граѓаните да се надмине оваа тешка зима, а потоа да зборуваат за политичките недоразбирања, изјави вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Грејната сезона во Скопје за сите приклучени на мрежата за централно греење започна на 15 октомври со исти услови како и претходно, односно со загарантирана температура од 21 степен Целзиусов и греење во периодот од 06:00 до 22:00 часот.

Министерот за економија Крешник Бектеши на скопјани им порача дека ќе имаат топли радијатори и дека такви ќе останат радијаторите во текот на целата грејна сезона.

Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на мрежата за централно греење што ја покриваат топланите Исток и Запад. Дополнително уште околу 500 домаќинства во Чаир и Топанско поле се приклучени на мрежата која ја покрива топланата Скопје север.

Трите топлани имаат можност да работат на природен гас или на мазут, а по потреба и на дизел, додека когенеративната електрана ТЕ-ТО, која е во приватна сопственост, може да работи само на природен гас. Доколку таа работи задоволува 70 проценти од потребите за греење на скопјани, а останатите 30 проценти ги покриваат топланите Исток и Запад.

Оваа сезона производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во град Скопје ќе го врши АД ЕСМ, кое доби лиценца за производство на топлинска енергија до 30 април 2023 година, лиценца за дистрибуција на топлинска енергија за период од 35 години и лиценца за снабдување на топлинска енергија за период од 10 години.

Од компанија ги повикаа граѓаните кои користат парно греење, од денеска да дојдат на нивните пунктови за да склучат нови договори за регулирање на односите за снабдување со топлинска енергија, како и сите други барања кои произлегуваат од оваа услуга.