Командантот на воената болница на Карабурма во Белград, Иво Удовичиќ, изјави дека делта плус сојот на корона вирусот најверојатно е пристигнат во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во прашање е многу позаразна форма, имаме причина за голема загриженост, бидејќи делта плус сојот мутирал, во делот каде што влегува во клетките, тоа е многу позаразна форма на вирусот. Тоа ќе предизвика поголем број заболени на дневна основа. Тој веројатно е пристигнат во Србија, изјави Удовичиќ.

Во моментов во Србија во црвените зони се лекуваат над 6.700 пациенти, во најлоша состојба – на респиратор се 270 и помлади и постари лица.

Според Удовичиќ, во болниците има и такви кои повеќе верувале во лекот „ивермектин“ отколку во вакцините, а многу од пациентите не сакаат да признаат дека пиеле „ивермектин“.

-Имаме пациенти кои земале ивермектин, кој не се препорачува во ниту еден протокол, не се препорачува за лекување на Ковид-19. Лекот има ветеринарни дозволи и не е за хумана употреба, има многу несакани ефекти, кажа тој.

Лекарската комора на Србија потврди дека покренале постапка пред судот на честа против 18 лекари поради несоодветно лекување и советување на пациентите во врска со коронавирусот, од кои некои го препорачале и лекот „ивермектин“.