Турција уапси 15 лица осомничени дека работеле за израелската разузнавачка служба Мосад на турска територија, објави денеска весникот Сабах.
Весникот наведува дека осомничените се уапсени пред две недели, и тие на Мосад и давале информации за турски државјани и странски студенти, кои евентуално би работеле во воената индустрија.
Израелските медиуми објавија дека сите приведени се Арапи, а апсењето го спровела турската Национална разузнавачка организација (МИТ) по една година контраразузнавачка работа.
Сабах наведе дека осомничените биле следени една година и се покажало дека за тоа време биле ангажирани во шпионажа фокусирана на Палестинците во Турција. Шпионската мрежа ги споделила информациите до кои дошла со Мосад за десетици илјади долари и евра.
Се очекува обвинение против осомничените, кои наводно биле поделени во пет групи од по три члена, и дејствувале во четири турски провинции, и сите биле уапсени на 7 октомври.