Во железничка несреќа во Словачка, што се случи синоќа во близина на општината Стречно, повредени се 74 лица, соопшти полицијата во текот на ноќта на социјалните мрежи.
Несреќата се случила кога воз со стотина патници во близина на Стречно, на северозападот од земјата, застанал поради дефект и потоа бил удрен од локомотива која му пришла на помош.
Како што пренесуваат словачките медиуми, полицијата преку објава на социјалните мрежи соопшти дека се истражува причината за несреќата, наведувајќи дека полесно се повредени 59 лица, 11 се здобиле со средно тешки повреди, а четворица се потешко повредени. Во блиските болници се префрлени 34 лица.
Полицијата ги повика возачите да ја избегнуваат близината на местото на несреќата, кое е блиску до важен железнички јазол, каде линиите од внатрешноста до Братислава се среќаваат со оние до соседна Чешка.