Вонредните надзори спроведени во последните неколку дена открија сериозни прекршувања кај угостителските објекти низ државата. Владата преку портпаролката, Марија Митева, ги објави резултатите од институционалните проверки. Митева потврди дека активностите се дел од севкупна координирана акција со надлежните институции, меѓу кои е и Министерството за внатрешни работи.
Вонредните надзори беа спроведени во 116 објекти – над половина со прекршувања
„Претходно најавив дека ќе го споделиме пресекот од вонредните надзори, и токму тоа денес го правиме. Нашата обврска е транспарентно и континуирано да ја информираме јавноста за состојбата на терен, како и за сите конкретни мерки што ги преземаме,“ истакна Митева.
Во изминатите денови биле спроведени 116 вонредни контроли согласно Законот за угостителска дејност. Податоците укажуваат на висок степен на непочитување на законските одредби, што резултирало со издавање на низа санкции и предлози за одземање на лиценци.
Казни, забрана на дејноста и иницијативи за укинување лиценци
Во прегледот на преземените мерки, Митева ги наведе следните наоди:
10 угостителски објекти добиле решенија за привремена забрана на дејноста, поради прекршувања од областа на угостителската регулатива.
15 објекти со активни лиценци не исполнуваат минимални технички услови – за нив се подготвуваат решенија за забрана на дејност, како и иницијативи за одземање на лиценцата преку Министерството за економија.
Кај 6 правни субјекти било утврдено дека работеле со неважечка или истечена лиценца, што резултирало со веднаш изречени забрани за работа.
Вкупно 59 прекршочни платни налози се издадени, во вкупен износ од 522.690 денари, поради различни основи: немање истакнат број од ДПИ, непочитување на нормативи, нерегуларни тераси, и сл.
Нов бран вонредни надзори – таргетирани објекти за прослави и настани
Митева најави дека веќе започнува нов циклус на инспекциски контроли во координација со МВР. Овој циклус е насочен кон објекти кои организираат прослави и настани. Акцент ќе биде ставен на проверка на:
исполнување на минимални технички услови,
соодветна категоризација на објектите,
усогласеност со останалите одредби од Законот за угостителска дејност.
Владата со порака: Институциите ќе постапуваат доследно, целта на вонредните надзори е долгорочна промена
„Бројките говорат сами за себе, но истовремено ја потврдуваат и потребата за брза и одлучна реакција. Како Влада, остануваме посветени на решенија со системски ефект и со целосна транспарентност,“ порача Митева.
„Ќе обезбедиме секоја институција да постапува по закон, секоја неправилност да биде санкционирана, а јавноста редовно и отворено ќе биде информирана за напредокот. Нашата цел не е само да реагираме по настани, туку да изградиме систем кој ќе делува превентивно и ќе биде на страна на граѓаните,“ додаде таа.