Поддршка за втор мандат
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера ја посети Општина Карбинци, каде ја даде својата поддршка за втор мандат на градоначалникот Виктор Паунов и нагласи дека чесното и посветеното работење е од клучно значење за доброто на сите жители.
„Јас сум сигурен дека изминативе четири години Виктор покажа како се работи чесно, тоа е многу важно, како се работи посветено, како се работи за жителите на Општина Карбинци и покажа уште пред време дека недвосмислено го заслужува својот втор мандат“, порача Мицкоски.
Претседателот потенцираше дека е клучно да се вложува во демографијата и да се создадат услови за млади семејства, за да останат и формираат иднина во општината.
„Виктор спомена дека му е важно да останеме сите во државата, затоа е важно да се посвети време на демографијата, бидејќи за бадијала ни се и улиците, патчињата, градинките доколку немаме дечиња во нив. Доколку младите од Општина Карбинци не се мажат, не се женат, не формираат семејство, затоа тоа е многу важно да работиме уште од најмали години да формираме семејство, да формираме многу детни семејства и за тоа да се случи потребно е мислам да се определи една населба во којашто ќе се определат парцели за млади брачни парови коишто ќе бидат по едно евро квадрат и ќе бидат ослободени од комуналии“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека ваквиот пристап статистички покажува дека семејствата ќе имаат повеќе деца и дека тоа е долгорочно решение за демографскиот раст.