Претпладне врнежи, попладне намалување на облачноста

Денешниот ден носи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд во претпладневните часови, додека кон крајот на денот се очекува постепено намалување на облачноста.

Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, кој на одредени места ќе достигнува и над 60 километри на час, информира Управата за хидрометеоролошки работи. Минималната температура ќе се движи од 0 до 5 степени, а максималната ќе биде меѓу 13 и 20 степени.

Во Скопје ќе преовладува слично време, со променлива облачност и услови за слаб локален дожд претпладне. Во текот на денот се очекува намалување на облачноста, проследено со умерен ветер од северен правец, кој повремено ќе засилува во делови од котлината. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 19 степени.

Од понеделник студени утра, од вторник потопло

Според УХМР, во понеделник наутро времето ќе биде ведро и постудено, при што температурите на некои места ќе се спуштат под нула, додека во текот на денот ќе преовладува сончево време.

Од вторник следува период на променливо облачно и потопло време со сончеви периоди и умерен ветер од јужен правец. Кон крајот на седмицата повторно се очекуваат повремени локални врнежи од дожд.