СВР Скопје го расчистува случајот, повикани се и момчињата што го снимале и го охрабрувале нападот
Полицијата започна постапка за целосно расчистување на случајот со девојчето во скопската населба Аеродром, кое беше физички нападнато, понижувано и принудено да клекне на колена и да ѝ се извини на врсничка, додека други малолетници го снимале настанот со мобилни телефони.
Од СВР Скопје информираат дека се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на сите лица инволвирани во случајот, кој стана познат по објавувањето на видеоснимката на социјалните мрежи.
Во рамки на истрагата, на распит ќе бидат повикани сите осомничени поврзани со настанот, како и десетината момчиња кои се гледаат на видеото како присуствуваат, навиваат и снимаат со своите мобилни телефони.
Со жртвата веќе е разговарано во присуство на родител
Од полицијата соопштија дека веќе е извршен службен разговор со девојчето кое било жртва на нападот, а разговорот бил спроведен во присуство на родител.
СВР Скопје наведува дека продолжува со сите неопходни активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста на сите лица кои учествувале или биле инволвирани во настанот.
