Министрите за одбрана на НАТО денеска во Брисел одржуваат состанок на кој главна тема е зајакнувањето на силите долж источната граница на Алијансата во контекст на руската инвазија врз Украина.

Состанокот на министрите за одбрана се одржува во пресрет на самитот на НАТО на 29 и 30 јуни во Мадрид, каде членките ќе се обидат да го одредат курсот на Алијансата за наредните години.

Како одговор на руската инвазија врз Украина, НАТО распореди повеќе од 40.000 војници под своја директна команда, главно во источното крило.

Генералниот секретар Јенс Столтенберг рече дека сојузниците ќе одлучат за можностите за нивниот долгорочен ангажман со цел да се осигура дека НАТО може „да ја брани секоја педа од територијата на Алијансата“.

Германија веќе ги објави плановите за зајакнување на ангажманот во Литванија, а Франција сака да го зголеми своето присуство во Романија, каде што планира да распореди 1.000 војници и тенкови до крајот на годината.

На денешната средба во Брисел ќе се разговара за потребата од поголеми воени распределби, најави Столтенберг, како и за напорите на Шведска и Финска за влез во НАТО.

Столтенберг ја поздрави и одлуката на САД да испратат дополнителни милијарда долари воена помош за Украина и рече дека членките на НАТО се подготвени да продолжат со суштинска поддршка за земјата.