Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека по претстојните вонредни избори има намера повторно да ја преземе функцијата премиер на Србија.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Вучиќ изјави дека парламентарните избори најверојатно ќе се одржат до почетокот на декември и дека планира по нивното завршување да се врати на премиерската позиција.

„Имам намера да го исполнам тоа ветување. Најверојатно прво ќе имаме парламентарни избори, кои ќе бидат одржани до почетокот на декември. Планирам по изборите да се вратам на премиерската функција“, изјави Вучиќ.

Вучиќ најави оставка и распишување предвремени избори

Вучиќ неодамна соопшти дека планира да поднесе оставка од претседателската функција и да распише вонредни парламентарни и претседателски избори. Најавата доаѓа по повеќемесечните протести во Србија, кои започнаа по падот на настрешницата.

Вучиќ претходно ја извршуваше функцијата премиер на Србија од 2014 до 2017 година. По изборот за претседател на државата во 2017 година, ја напушти премиерската позиција.