Српскиот претседател Александар Вучиќ го коментираше инцидентот во Нови Сад, во кој беа нападнати и повредени неколку студенти и новинари, оценувајќи дека станувало збор за „неколку шамари“. Тој изјави дека единствениот легален и легитимен собир бил оној организиран од Матица српска, додека собирот на демонстрантите го нарече криминален затоа што не бил пријавен во полиција, пренесува Нова.рс.
„Оние кои се собраа, блокерите, имаа криминален собир. Противзаконски се собраа. Нивната однапред прокламирана цел беше – ние доаѓаме да ве тепаме. А потоа, кога дојдоа, се изненадија што имаше многу повеќе од оние кои сакаа да влезат во театарот, отколку од оние кои сакаа некого да тепаат“, изјави претседателот на Србија.
Вучиќ ги обвини демонстрантите дека први започнале да ги напаѓаат луѓето собрани пред Српското народно позориште.
„Ги видовте нападите и врз постари луѓе и врз сите други. Меѓутоа, некои не сакаа да бегаат па им удрија неколку шамари и секогаш ми е жал кога ќе се случи нешто такво. Но мора да имате предвид, дали навистина мислите дека ќе јавате некого, а тој нема да се спротивстави? Дека ќе убивате некого, ќе тепате, а луѓето немаат право да ја кренат главата? Тоа е невозможно“, рече Вучиќ.
Тој упати молба до сите „да се смират и да се стивнат, да не ја прогонуваат српската црква, да не ја рушат српската држава“.
„Себеси се урнаа, тие повеќе не можат да нè загрозат. Прашање е само дали ќе се сетат дека е време да престанат да ги напаѓаат нашите вредности“, заклучи Вучиќ.
