Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека следните избори ќе се одржат во март или април 2022 година, односно во законски предвидениот рок, јави дописникот на МИА од Белград.
Во интервју за весникот Блиц, тој истакна дека не гледа потреба претседателските и парламентарните избори да бидат разделени и дека е подготвен да разговара за тоа, а шпекулациите за предвремено одржување на некои од изборите се „бесмислени“.
– Што се однесува до изборите во Белград, верувам дека нашите политички противници имаат огромна шанса, дека тие се фаворити на тие избори, дека нашите шанси се мали, но ќе се бориме, рече Вучиќ.
Зборувајќи за почетокот на дијалогот со претставниците на опозицијата, претседателот на Србија и на Српската напредна партија (СНС) кажа дека „не му паѓа на памет“ да исполнува нечии желби, туку да планира да стори нешто што е „фер и што е суштински демократски“.
– Слатко се смеев (на платформите што ги објавуваа опциите собрани околу Партијата за слобода и правда). Тие да ги прават и уредуваат првите 15 минути на (ТВ) Дневникот, па тоа не беше ни во 90-те години од минатиот век, оцени Вучиќ.
Коментирајќи го „нон-пејперот“, неофицијалниот дипломатски документ кој наводно потекнува од земјите-членки на ЕУ за поделбата на Косово, Вучиќ нагласи дека и покрај некои контроверзни прашања, тој предлог е „подобар од планот на Ахтисари и од сè она што досега сме добиле“.
– За нас, ова е тешко и неприфатливо прашање за признавањето, но има и други… Деталите за Митровица. Тоа е единствената урбана зона што ја имаат Србите и сакаат да им ја одземат. Има и други работи, но пејперот го состави некој многу компетентен, кој разбира сè, кажа Вучиќ.
Тој изјави и дека Србија ќе изгради фабрика за ПЦР тестови, со што ќе се реши проблемот со тестирањето на коронавирусот.
– Бидејќи во април ќе имаме помал дефицит отколку што предвидувавме, ќе му дадеме уште 15 милијарди на Републичкиот фонд за здравствено осигурување за лекови против Ковид-19. Тоа се околу 125 милиони евра … Јас ќе бидам среќен кога ќе дојдеме до три милиони ревакцинирани, но ќе го сториме тоа, додаде Вучиќ.